Утре граѓаните на Охрид ќе имаат можност уредно да ја одложат старата облека во контејнерите на Тексомак коишто се поставени на неколку локации во градот: задниот двор на Охрид Мол, дворот на Гимназијата, Економското училиште и ОЕМУЦ, како и во дворовите на основните училишта „Григор Прличев”, „Св. Наум Охридски”-Пештани и „Ванчо Николески”-Лескоец.

Запомнете дека одлагањето во дворовите на основните и средните училишта ќе биде возможно во рамките на работното време. Не се одлагаат стари обувки, чанти, итн., велат од ЈП Охридски Комуналец.

Облеката што ја носиме, посочуваат, сè пократко најчесто завршува на депонии и ѓубриштата, наместо повторно да се користи.

Таму, текстилот се распаѓа многу бавно (до 200 години за синтетичките материјали), при што ослободува метан, гас што придонесува за климатските промени, како и исцедок што ја загадува почвата и подземните води со токсични материи. Синтетичките материјали како полиестерот кои се околу 60% во секое парче облека денес, дополнително ослободуваат микропластика која завршува во водата и храната. Производството на облека троши огромни количини вода, енергија и суровини, истакнуваат од ЈП Охридски Комуналец.

Потенцираат дека со селекција, донирање и повторна употреба на текстилот се штедат ресурси, се намалува загадувањето и се придонесува за циркуларна економија.

OhridNews