Во текот на утрешниот ден градоначалникот Никола Бакрачески ќе оствари средба со претставници од министерството за транспорт и врски, од охридската Капетанија на пристаништа на која ќе се утврди понатамошниот тек од реализацијата на најавените проекти за изградба на пешачка патека до Канео и марина.
Како што потенцира градоначалникот, во моментов не постојат услови за изградба на марина во централното градско подрачје.
– Најголемиот број марини се градат по пат на јавно приватно партнерство. Најпрво треба да се избере соодветна локација на која ќе се изградат и соодветни придружни објекти околу марината од кои партнерот ќе ја поврати инвестицијата која ја вложил. Во моментов не можеме да најдеме соодветно земјиште во централното градско подрачје и од тие причини веројатно марината ќе се гради на друго место, каде ќе има можност по пат на јавно приватно партнерство да се најде сериозен инвеститор кој ќе вложи во изградбата, рече Бакрачески кој на денес одржаната седница одговараше на поставени советнички прашања.
Во однос на поставеното прашање од советникот Јован Стојаноски околу изградбата на најавената индустриска развојна зона, градоначалникот со објаснување дека постоечката индустриска зона во близина на селото Лескоец, не можела да се искористи за таа цел, па затоа била донесена одлука таа да се гради на Мауцкер.
– Кај Лескоец станува збор за околу 30 хектари земјиште, кое во целост е во приватна сопственост. Поради наследениот долг општината не беше во можност да изврши експропријација, па затоа за изградба на индустриска развојна зона беше пронајдена друга локација кај Мауцкер, во сопственост на државата, а сега може да се користи од страна на локалната самоуправа, рече Бакрачески.
Од градоначалникот беше побаран отчет и околу неговите службени патувања во странство, односно колку трошоци се направени при патувањата и кои се придобивките за градот.
Советниците побараа и одговор до каде се најавените проекти за изградба на базен и современ пазар, за што ќе добијат информација во писмена форма.
Т.К.