Сите детали околу активностите за реализацијата на инвестицијата од германската компанијата „ODW ELEKTRIK“ во Македонија ќе бидат соопштени утре во Охрид.

На прес-конференцијата која ќе се одржи во хотелот „Инекс Горица“ ќе присуствуваат Лудвиг Батон, главен и извршен директор на „ODW ELEKTRIK“, Огнен Цубалевски, извршен директор на компанијата „ODW ELEKTRIK“ регистрирана во Македонија и директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Виктор Мизо.

Како што претходно објави OhridNews првите работници од Охрид кои ќе работат во фабриката во Охрид, во средината на месец јули годинава беа испратени на обука во претставништвата  на оваа компанија во Германија и Украина.

Според неофицијални информации со кои располагавме тогаш, се работеше за десетина лица, кои биле избрани по интервјуто за вработување, кое беше спроведено на крајот на месец мај во Охрид. Од нашиот неофицијален извор тогаш дознаваме дека ова нема да биде прва обука на овие вработени и дека ќе биде спроведена уште една ваква обука.

Според првичните најавите од македонските владини преставници „ODW ELEKTRIK“ најпрвин ќе работи во постоечкиот објект во Охрид, а потоа ќе започне со градба на нов објект во слободната економска зона, лоцирана во близина на аеродромот „Св. Апостол Павле“ и планира да вработи околу 1.000 работници.

Лудвиг Батон, директор на „ODW ELEKTRIK“ за македонските медиуми изјави дека причината зошто решиле да инвестираат во Македонија, се квалификуваната работна сила, добрата индустриска традиција, искуството во индустријата.

„ODW ELEKTRIK“ има над 2.000 вработени во своите капацитети во Германија, Унгарија и Украина. Оваа компанија произведува електрични инсталации за најпознатите автомобилски брендови како Мерцедес, Порше, БМВ и Фолсваген.

OhridNews