Со изложба на уметнички фотографии „Маски и асоцијации“ од авторот Анастас Ќушкоски на 12-ти јануари, започнува програмата на годинешниот Карневал во Вевчани. Музичката програма оваа вечер ќе биде отворена со настапот на рок групата Културно Уметнички Работници, по што ќе следи настапот на македонскиот музички великан, групата Архангел. Истата вечер, Вевчани ќе биде домаќин и на регионалната музичка легенда Ненад Милосављевиќ познат како НЕША ГАЛИЈА, фронтменот на славната група „Галија“, а за позитивната енергија во завршницата на првиот карневалски ден ќе се погрижи Диџеј Рутбој.

Во недела, на 13-ти јануари, попладнето е традиционално резервирано за карневалската поворка на која вевчанските василичари за прв пат ќе ги претстават годинашните маски. Вечерта пак, во пресрет на дочекот на Новата година по стариот календар, посетителите ќе имаат прилика да слушнат повеќе етно-состави, меѓу кои и БАКЛАВА.

Следниот ден, на 14-ти јануари е традиционалното палење на маските.

Карневалот во Вевчани е една од најпознатите карневалски манифестации на Балканот со единствена симболика и традиција која се негува повеќе од неверојатни 14 века и кој според своите специфични особини се одвојува од останатите во светот поради неговата архаичност, исконска традиција, таинственост и уникатни маски.

OhridNews