На 1 септември, во паркот пред хотел Палас ќе се одржи еко-хепенинг, на кој се поканети да учествуваат охриѓани и гостите. Креативниот перформанс во 19:30 часот ќе го почнат неколку циркови артисти на кои ќе им се придружат статисти и со соодветна кореографија ќе ја раскажат приказната на трската. Истовремено, на видеобимот ќе се прикажува соодветна и селектирана 15-минутна програма. Перформансот ќе заврши со наратор и краток триминутен еко-филм.

„Целта на овој настан е да се влијае на еколошката свест, особено кај младите, но и сите да се потсетиме на исклучителните природни вредности на Охридското Езеро. Перформансот е воедно и најава за почетокот на новата сезона за Охрид. Туристичката сезона во регион со исклучителни и светски признати природни вредности не смее да трае еден месец. На регионот му е неопходен целогодишен еко-туризам! Неопходни му се помалку туристи кои се спремни да платат повеќе! Регионот е целосно несоодветен за евтин масовен туризам и затоа таквите пакети мора што побрзо да се исклучат од понудата!, потенцираат организаторите.

Специјално за настанот ќе бидат изработени маици со еко-пораки, како и картички од садлива хартија. Маиците ќе се разменуваат за донација од 300 мкд кои целосно ќе се искористат за активностите на Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ. Со секоја донација за маица граѓаните ќе добиваат бесплатно картичка од садлива хартија.
Организатори на настанот се: Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ, ЗУМД ТАКТ и Здружението за заштита на животните и животната средина ЕДЕН, поддржани преку програмата Цивика мобилитас, Фондацијата Хајнрих Бел и Global Greengrants Fund.

OhridNews