Актерите од охридскиот Народен театар утре, премиерно ќе ја изведат комедијата „ Детектор на лаги“ во режија на Ненад Витанов, според текст на Василиј Сигарев.

Како што истакна режисерот Витанов, примарна цел при подготвувањето на претставата била публиката да се забавува.

Сакавме публиката да ја види нашата идеја, да се прикажат машко женските односи кои отсекогаш се непроменети, само се менуваат околностите и формата во која ќе се завиткаат. Ова е приказна за двајца сопружници кои имаат проблематичен однос и кои дошле до критична точка кога мораат да побараат помош од стручно лице- психијатар. Во реалниот живот кога доаѓа до една таква ситуација почнува трагедијата, но во театарот почнува комедијата, изјави Витанов.

Во претставата улогите ги толкуваат актерите: Јасмина Билаловиќ, Никола Тодороски и Стрезо Стаматовски.

Оваа претстава е една комична фарса дури  и научно фантастична. Секогаш се поставува прашањето дали е возможно кај некого да се всади идеја и тој да ја прифати како негова?Дали е возможно да се всади туѓа емоција која ќе ја прифати како негова? Колку е возможно со магично стапче да се решаваат проблемите? Токму тие прашања ги обработува оваа претстава, вели актерот Стаматовски.

Ја играм Нада во своите средни години која припаѓа на понизок социјален слој која има своја интелегенција, снаодлива е и која секогаш смета дека е во право и дека се знае најдобро. Го повикува докторот не со цел да ги советува, туку за банална работа. И тука започнува комичниот заплет, објаснува актерката Билаловиќ.

Драго ми е што учествувам во една ваква претстава- комедија, жанр  што мене  ми е омилен. Претставата нуди час и половина квалитетно поминато време, вели Тодороски.

Претпремиерно претставата ќе биде изведена денес со почеток во 20 часот, кога влезот е бесплатен.  Репризата на претставата е на 30- ти октомври.

Т.К.