Утре, петок на 27 јули, за време на седницата на Советот на Општина Охрид, почнувајќи од 10.30 часот, граѓанската иницијатива Охрид SOS и здружението Стар Лагадин, заедно со граѓани и активисти за заштита на Охрид и охридскиот регион, како што велат, револтирани од фактот што градоначалникот и Советот на Општината упорно ја заобиколуваат препораката на УНЕСКО за прогласување мораториум на градење на охридското крајбрежје сè до донесување на соодветна планска документација во согласност со стратегија за негов одржлив развој, ќе побараат прогласувањето на мораториумот да биде итно спроведено од страна на Општината.
- Иако на охридскиот регион му се заканува сериозна опасност да го загуби статусот светско наследство на УНЕСКО, ниту градоначалникот на Охрид, ниту Советот на Општина Охрид, на ниту една од до сега одржаните седници на Советот, воопшто не се имаат осврнато на задолжителната препорака бр. 6 од Извештајот на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО преточена во точка 7 од одлуката бр. 7B.34 усвоена на 41 седница на Центарот за светско наследство на УНЕСКО во Краков, Полска. Запирањето на непланската урбанизација до донесување на целосна и соодветна планска документација за регионот во склад со неговите извонредни универзални вредности е нешто што е нужно да го направи секоја одговорна партија на власт. Ако сакаме да прекине иселувањето на млади квалитетни кадри од регионот мора да се посветиме целосно и бескомпромисно на негово правилно и правично управување, велат од Охрид SOS.
Оттаму, информираат дека од Градоначалникот на Општина Охрид побарале дополнување на дневниот ред на четиринаесеттата седница на Советот на Општината, односно да се предложи нова точка која ќе гласи Одлука за укинување на Одлуката за утврдување на услови за начинот на градење во село Лагадин, Општина Охрид за кое нема урбанистички план, усвоена од Советот на Општина Охрид на 14.10.2015 г. Исто така било побарано од градоначалникот итно да издаде решение за отстранување на незаконската градба на катастарска парцела бр. 2696/1 во сопственост на Никола Толески од с. Пештани.












