Утре на аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид треба да слета првата група на холандски туристи, кои ќе одмараат на охридската ривиера. Од Здружението на хотелитери-ХОТАМ, информираат дека првиот чартер авион, кој ќе пристигне во Охрид ќе биде на туроператор „Corendon NL“,  додека пак првиот чартер на туреператорот „TUI“, треба да пристигне на 8–ми мај 2014 година.

-Во текот на целата сезона, заклучно со октомври „Corendon NL“ неделно ќе има по два чартер лета до Охрид, додека пак туроператорот „TUI“, најави дека планира по два чартер лета неделно од Холандија до Охрид и по еден чартер од  Белгија до Охрид. Тоа значи дека во рамки на сезоната на охридскиот аеродром, неделно ќе полетуваат и слетуваат по пет чартер летови со холандски и белгиски туристи , информираат од ХОТАМ.

Според најавите, првата група холанѓани која ќе отседне во Охрид, ќе брои над 100 лица.

-Сеуште активно трае процесот на продавање на аранжманите, па со сигурност не може да се каже колку точно туристи од Холандија оваа сезона ќе летуваат во Охрид. Како и во текот на минатите години, така и годинава освен престојот во Охрид, за холанѓаните ќе бидат организирани и кружните тури низ Македонија, појаснуваат од ХОТАМ.

Од таму потенцираат дека Охрид е дел од мапата на кружните Балкански тури, кои ги организираат западноевропските туроператори, па годинава во нашиот најголем туристички центар се очекува да престојуваат и голем број туристи од други европски земји.

Е.М