Во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид утре – среда во 12.00 часот ќе биде промовирана книгата „Стихописани слики“ од роднокрајниот автор Митко Ц. Колјушевски.

Четириесет и петте творби, преку мноштвото директни насочувања, создаваат поетско дело како суверен сведок за идентитетот, традицијата, културата и уметноста, сите собрани во љубовта и тоа не само во еден културен контекст како нашиот, туку и како светско колективно добро, при тоа овозможувајќи да се комуницира со едно уметничко видување како документ на реалноста, сѐ со цел да ги активира најпасивните механизми за восприемање на носталгичноста и љубовта, ќе напише во рецензијата за стихозбирката Мирко Томовски.

Промотор на книгата ќе биде Томовски, додека промоцијата ќе ја води и стихови ќе чита поетесата Маја Мојсова.

Инаку, Митко Ц. Колјушевски е роден 1949 год. во Охрид. По професија – Водител на процеси во М.М. Насока (во пензија). По вокација музичар (пеење, гитара, тапани и други ударни инструменти). Автор е на песните, „Стариот Фенер”, „Охридски стари трубадури”, „Месецот ти плете коприна“…

Се потпишува на аранжманот на повеќе македонски народни песни. Колјушевски е еден од основоположниците и долгогодишен член на ансамблот за староградска музика „Самуил“ и групата „Цар Самуил“.

Има издадено две збирки со текстови од македонски народни и обнародени песни: – ПЕСНА ТИ ПЕАМ МАКЕДОНКО – МАКЕДОНСКО ДЕВОЈЧЕ-РОСНО КОКИЧЕ Застапен е во повеќе алманаси и поетски збирки, а „Стихописани слики“ му е прва самостојна збирка песни.

OhridNews