Во рамките на своите редовни промотивни активности и поддршка на роднокрајните автори, утре – четврток од 12 часот во Прличевата одаја на НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид ќе биде промовирана новата стихозбирка „Шарени дијаманти“ од Наум Трајчески. Издавач е Агенцијата за иселеништво.

Најновата поетска збирка е спој на зрелоста во годините, но и умеењето со стиховите на авторот Трајчески. Промотори ќе бидат Милчо Јованоски, Мирко Томовски и Билјана Петрова, а свое обраќање ќе има и авторот. На настанот се очекува да присуствуваат и претставници на Агенцијата за иселеништво предводени од директор на агенцијата Горан Ангелов.

Трајчески е роден во село Издеглавје во 1952 година а од 1977 година живее во Квинбијан – Австралија. Зад себе има шест стихозбирки.

Во 2017 година стихозбирката „Одминато време“ му ја донесе наградата „Стојан Христов“ за најдобра книга од поет иселеник со македонско потекло што ја доделува Агенцијата за иселеништво а во рамките на Струшките вечери на поезијата.

OhridNews