Утре, четврток, 21-ви декември, со почеток во 20 часот, во кафе барот „Шила“ ќе се одржи промоција на првата мотивациско-инспиративна книга „Што си ти“ од охриѓанката, познатиот мотивациски говорник, Снежана Билко.  „Што си ти“ е мотивациска книга која ќе ве однесе во еден мотивациско творечки свет, свет со многубројни предизвици, искушенија, соочување на различни духовни состојби на радост, љубов, среќа, тага и болка на само една обична човечка душа која опстојува и живее во овој Универзум. Ќе се сретете со душа која чекори по патот на своето себеспознавање, која ја бара и ја пронаоѓа својата мисија и својата цел на своето битисување.

– На моја огромна радост и особено задоволство ве поканувам да бидете директни учесници при уште едно остварување на уште еден голем мој сон. Ве поканувам да ми бидете мои драги гости на промоцијата на мојата прва мотивациско-инспиративна книга под наслов “Што си ти“ во мојот роден град Охрид, порачува Билко.

„Што си ти“ е интерактивна книга која е посветена за сите оние души кои имаат потреба од промени во нивните животи кон подобро, и на оние кои сакаат да работат на својот личен развој, на својот раст и на своето себеспознание. „Што си ти“ е книга која ќе ви покаже како една човечка душа може и умее да се избори со сите стравови, со длабоките падови кои можат да се случат кај секој од нас. Оваа моја прва мотивациска книга е создадена и родена само со една и единствена цел, а таа е да помогне на многумина кои се на крстопат, да помогне на многумина кои не умеат да се справат со своите предизвици и контрасти во својот живот, а воедно и да ги мотивира и инспирира. „Што си ти“ ќе ве натера да навлезете подлабоко во себе, во својата суштина и својата цел на своето битисување.

Во оваа книга можете да најдете и различни патокази, совети и насоки кои ќе ви помогнат при остварување на се она коешто се до овој момент е само еден ваш голем сон.

Присутните на промоцијата ќе имаат можност да ја купат книгата, издадена од „Матица Македонска“, по цена од 300 ден.

OhridNews