Извештаите за реализација на Програмата за поддршка на локалниот економски развој на општина Охрид, за реализација на Програмата за поттикнување на развојот на туризмот и реализација на Програмата за јавно осветлување за првата половина од годината, се само дел од точките кои ќе се најдат на дневен ред на продолжението на 50- та седница, закажано за утре, со почеток во 9 часот и 30 минути.
На дневен ред ќе се најде и расправата околу предлогот на советничката Јованка Дамовска- Секулоска за преиспитување на одлуката да се наплаќа за паркинг на улицата „Партизанска“, како и предлог- одлуката за отуѓување-отстапување на трајно користење на основни средства од ЈП „Нискоградба Охрид“ Охрид на МЈП „Проаква“ Струга. Советниците ќе расправаат и за измени и дополнувања на Одлуката за општински линиски превоз на патници во општина Охрид, и за Елаборатот за проценка на штета од земјотрес во општина Охрид на ден 07 јуни 2012 година.











