Ѓомлезе, традиционални јадења и пијалоци ќе можат да вкусат посетителите на манифестацијата „Охридска софра“ во Скребатно што за прв пат се организира годинава, како симболичен крај на летната туристичка сезона.

Како што најавуваат од Секторот за туризам и локален економски развој, подготовката на храната ќе започне во 9 часот, а дегустацијата ќе започне во 11.30 часот. За подготвување на Ѓомлезе досега  се пријавиле 25 натпреварувачи, кои ќе ги оценува жири комисија.Освен ѓомлезе, на манифестацијата ќе бидат претставени  и голем број традиционални охридски јадења, кои ќе ги подготвуваат готвачи од охридските ресторани, но и студенти при Факултетот за тууризам и угостителство, од насоката гастрономија.

– Охридската софра претставува склоп на манифестации кои се реализирале минатите години, но и на оние кои за прв апат се организираат годинава. Основната цел е да се изврши промоција на традиционалната храна и пијалоци, да се збогати туристичката понуда во градот и околината, изјави раководителот на ТЛЕР, Ѓоко Апостолов.

Организаторите најавуваат и интересна музичка програма. Од 10 до 11.30 часот настап ќе имаат ансамблот „Билјана јуниор“ и групата „Зарина“, а од 12.30 часот посетителите ќе имаат можност да уживаат во музиката на познатиот етно состав „Љубојна“.

Манифестацијата е во организација на локалната самоуправа, а поддржана е и од министерството за култура, како дел од програмата Топол културен бран.

Т.К.