Со доделување на наградите за најдобри филмски остварувања, утревечер во Центарот за култура ,Григор Прличев” во Охрид, ќе биде спуштена завесата на петтото издание на Фестивалот на француски филм. Наградите за најдобрите учесници на фестивалот ќе ги доделува тричлено стручно жири предводено од македонскиот режисер, Антонио Митриќески.

Честа да го затвори фестивалот годинава му припадна на филмот  „Никаквица“, од режисерот Жак Дојон, кој ќе ја добие годинешната Награда за животно дело, која традиционално ја доделува фестивалот. Дојон  е автор на над 30 филмови и добитник на голем број фестивалски награди.

Инаку љубителите на седмата уметност изминатите неколку дена имаа можност да видат 6 филмски остварувања од најразлични жанрови и 10 кратки филмови од најновата француска кинематографија.


И оваа година публиката која ги следеше кино прокциите имаше можност да се запознае со дел од актерите, режисерите, сценаристите и продуцентите кои  работеле на филмовите.

Денес гости на проекциите ќе бидат Пјер Клуе режисер на филмот ,,За предностите да се оди на одмор во август’’, Абрахам Белага, актер во филмот ,,Подобар живот’’ и Ева Јанеско, режисер на филмот ,,Мојата малечка принцеза’’.

OhridNews