За инвентивноста и за претприемаштвото само небото е лимит, па дури и тогаш кога „на едни треба да им се стемни за на други да им се раздени“! Ибраим Фејзулоски од струшкото село Лабуништа со години е печалбар во Словенија. Почнал како градежник, изведувал зафати во Љубљана, Нова Горица, Копар. Потоа, со новите идеи, го ширел бизнисот. Дошол до идеја да набави од Италија специјални велосипеди, всушност, отворени возила на „ножен погон“, ја почнува сторијата за новата охридска атракција „Утрински Весник“.

Најнапред, му цветал бизнисот во Љубљана, во самиот центар. Тогаш си рекол: зошто не и во мојот крај? Нормално, Охрид му се видел како најпогоден. Отишол во локалната самоуправа и оттаму обезбедил дозвола, на самиот градски езерски кеј да ја постави својата „ергела“ од велосипеди. Вкупно ги има осум. Од нив, пет се за две лица, два за четворица и оној најголемиот, всушност, мало комбе – за шестмина.

Подготвил и ценовник: оној двоножникот за половина час возење – 250 денари, а за цел час – 600. Поголемите: за четворица – 400 денари за половина час и 600 за еден час. И најголемиот – комбе-велосипедот, 600 денари за половина и дури илјада – за еден час. Туристи, сега во мај, колку сакате во Охрид.

Сопственикот вели дека 1.000 евра на ден и не е недостижен сон. И така – 30 плодни дена – 30 илјади евра! Кажете кој бизнис има толку чист профит? А во администрацијата само едно лице. Ниту пари за бензин ниту за возачи. Трошоците сведени на минимум. Клиентите сами се возат, уште и добро издвојуваат за забавата и за крајезерското уживање.

Сепак, има една мала фалинка. Во овој бизнис мора да се вози слалом оти тоа е единствен начин за да се најде пат меѓу шетачите. Или, пак, оние што одат пеш да бегаат кога во нив ќе се втурнат возилата на ножен погон. А велосипедите потешко се контролираат. Едно од овие возила веќе заврши во езерските води, а муштериите добија и бесплатно капење.

Го прашуваме единствениот административец во бизнисот што ќе прави кога кејот ќе се преполни во јули и во август кога ќе нема место ниту за шетачите, а камоли за велосипедите? Не знам, вели, можеби ќе ме преселат на друго место. Не сме разговарале, не ми текнало за тоа!

Сепак, бизнисот му оди. Размислува и во Струга да ја пренесе охридската атракција, пишува „Утрински Весник“.

OhridNews
извор: „Утрински Весник“