По 18 години „Утрински весник“ в сабота ќе го издаде својот последен број.Во редакцијата на дневниот весник, во вторникот, пристигала наредба од менаџментот за ден-два да ја напуштат сегашната локација во ТЦ „Зебра“ и да ги преселат опремата и канцеларискиот мебел во дирекцијата на „Технометал“ каде и претходно беше сместена редакцијата на овој весник.

Љубиша Станковиќ, кој е претседател на синдикатот на весникот вели дека е трагично што згаснува весник кој имаше голема важност кај читателската публика.
„После цели 18 години, благодарение на лошото менаџирање на Срѓан Керим, во сабота, ќе згасне ‘Утрински весник’. Треба да се запамети името на оној кој ќе го погребе весникот!“, напиша Станковиќ на Фејсбук.

Извесен период сопственик на весниците „Утрински“, „Дневник“ и „Вест“ беше германската компанија ВАЦ, а подоцна фирмата Медиа Принт Македонија (МПМ) стана главен сопственик на трите дневни весници. Наводно, поради финансиска криза, од пред неколку месеци, тројцата косопственици на МПМ се разделија и единствен менаџер остана Срѓан Керим.

Неодамна, новата фирма, сопственичка на овие три весници објави оглас за прием на нови 50 новинари. Најновата, но, неофицијална вест, според нивните сознанија, е дека голем број од досегашните новинари од трите весници ќе добијат отказни решенија, а на нивни места ќе бидат примени „подобни“ новинари од друг, провладин дневен весник и од една приватна телевизија, исто така провладина, која со месеци мака мачи да им обезбеди пари на своите новинари.