Европската Комисија преку својата иницијатива за Регионална еколошка мрежа на состанокот во Подгорица  го оцени басенот на реката Дрим како еден од најважните речни басени во Југоисточна Европа. На состанокот беа утврдени приоритетите во самиот Басен и неговата категоризација согласно Европската рамковна директива за води која е внесена и во македонското законодавство.

Презентација на спецификите и карактеристиките на Дримскиот Басен пред преставниците на ЕУ и преставниците од земјите од Југоисточна Европа имаше Дејан Пановски од Одделенеието за управување со сливот на реката Црн Дрим при Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија .

“После стручниот дел презентацијата ја завршив со приказната за Патот на јагулата што предизвика неверојатно позитивна реакција и веднаш конкретни предлози. На средбата на Кор групата за Дрим одлучно беше дадена задача да се изготви стратегија за јавноста која како основа ќе ја има приказната за охридската јагула како врзивна компонента за Дрим. Верувам дека тоа ќе предизвика и активност околу решавање и на проблемот со самиот пат на јагулата . Имаме неверојатно добра приказна и одличен моментум да ја валоризираме”, изјави Пановски.


На работната средба на Кор групата за Дрим беше одобрен изработениот текст на Меморандумот за Заедничка Визија на Дримскиот Басен кој претходно беше прочистен на високо политичко ниво. Се донесе одлука потпишувањето на Визијата од страна на 5- те Министри од државите од Басенот да биде изведено на 24 Ноември 2011 година на заедничка конференција во Тирана,  Албанија.

“Оваа заедничка визија на која посветено работевме,  заедно со документот наречен Трансгранична дијагностичка Анализа на  Басенот на кој работевме 2 години ќе бидат претставени пред донаторската заедница која има силен интерес за инвестиции во Басенот. Доколку  се биде во ред веќе на самиот почеток на 2012  ќе започнат првите активности поврзани со биодиверзитетот во басенот”, додава Пановски.

OhridNews