Ветринарните работници, ловџиите, ловочуварите, шумарите, препараторите на животни, крзнарите и сите останати лица кои во текот на своите работни активности доаѓаат во допир со диви животни треба во најскоро време да се вакцинираат против беснило.

Ова е препораката на епидемиолозите, по неколкуте случаи на беснило кај дивите животни, на територијата на Република Македонија, кои беа регистрирани во текот на изминатиот период.

-Вакцинацијата кај овие лица се препорачува како превенција од појавата на ова заболување. Вакцината се прима во три дози. Сите заинтересирани лица од Охридскиот регион,  кои сакаат да се вакцинираат ќе може да се јават во  Центарот за јавно здравје во Охрид,  кој е овластена организација за споведување на овој тип на вакцинација.  Доколку некое лице биде поврдено или каснато од бесно животно или од сомнително бесно животно тогаш оваа  вакцинација се споведуава во Инфективното одделение каде што покрај вакцината истите примаат и серум, вели Д-р  Јованка Стурлакова Корвешовска, раководител на Епидемиолошкото одделение при Центарот за јавно здравје во Охрид.

Инаку деновиве Агенцијата за храна и ветеринарство упати препорака до сите сопствениците на мачки и кучиња, задолжително да ги вакцинираат своите миленици против беснило. Оваа препорака особено се однесуваше на ловџиските кучиња кои често доаѓаат во контакт со диви животни и постои опасност да бидат заразени.

OhridNews