Медиумите треба да  се крајно внимателни при известувањето за активностите на политичките партии во предизборната кампања, затоа што со своето информирање тие придонесуваат за разгорување на таканаречената валкана кампања, беше речено на работилницата што во организација на Здружението на новинари на Македонија, Регионалниот центар на ЗНМ од Охрид и  Центарот за развој на медиуми, се одржа вчера во во хотелот „Тони“ во Охрид.

Генерална оценка на  новинарите е дека предизборната кампања се вжештува и оти таа ќе кулминира во последната недела.  Затоа, како што беше посочено на работилницата, новинарите треба да оддолеат на притисоците, кои се особено изразени во помалите места и непристрасно да ги следат митинзите.


На работилницата беа искажани забелешки за начинот на кој медиумите известуваат за изборите, со констатација дека тоа се прави површно, а во известувањето доминираат дневните извештаи за активностите на политичките субјекти без подлабока анализа на проблемите во општеството, врз основа на што граѓаните би изградиле став за тоа што им се сервира како политичка понуда.


На работилницата новинарите од Охрид и Струга ги изнесоа и проблемите со кои се соочуваат при извршување на професионалните задачи, а од страна на претставник на Државната изборна комисија беа информирани за правилата на информирање во изборниот процес и на денот на избори. За таа цел ЗНМ и Центарот за развој на медиуми подготвија Прирачник за покривање избори и Изборен информатор, а  новинарите на денот на изборите ќе имаат и стручна правна помош.

OhridNews