Ѓубре во недоглед расфрлано на јавни површини, во езерото, преполни контејнери со што треба и не треба да се одлага таму и дузина квадратни метри околу нив расфрлано ѓубре, често фрлено така во движење, од кола и слично. Ваква е сликата деновиве во Охрид кој го живее врвот на една многу чудна туристичка сезона. Не се поштедени ниту духовните светилишта од кои наместо мир во вечерните часови извира џагор од маса млади кои токму тие места од сите можни ги одбрале за забава по која се што понеле оставаат зад себе.

Градот кој по речиси една деценија континуиран пораст на бројот на странски гости кои комплетно ја променија и понудата и културата на живеење, оваа година се подготвуваше за најдобрата туристичка сезона. На тоа укажуваа сите параметри. Од склучени аранжамани и потврдени резервации од странски туроператори, до значителни инвестиции во хотелското и приватното сместување и угостителството.

Се се промени со пандемијата на Ковид 19 која најсериозни последици предизвика во туристичкиот сектор, секако глобално, предизвикувајќи домино ефект кој ги афектираше сите дестинации, вклучително и Охрид. Аранжманите се откажуваа најпрвин ден за ден, недела за недела, потоа месец за месец, а после тоа и подолгорочно.

Беше неизвесно дали воопшто ќе има некаква туристичка сезона, а потоа следеше олабавување на мерките за заштита од корона вирусот, втор бран од епидемијата кај нас кој се уште трае, поради што патувањето од и кон Македонија стана во најголем дел невозможно. Во една таква консталација туристичката понуда на Охрид неминовно се сврте кон домашните гости кои целосно ги исполнија капацитетите во градот и околината. Дел од капацитетите ги запоседнаа граѓани со ваучери издадени од државата. Туристичките работници почнаа да покажуваат знаци на задоволство.

Но, тоа траеше кратко. До овој продолжен празничен викенд за Илинден кој традиционално го означува врвот на сезоната во Охрид, исполнет со разно разни настани кои привлекоа и илјадници млади од целата земја. И доколку беше очекуван еден сосема поинаков амбиент во Охрид со промената на структурата на гостите од познатите причини, малкумина очекуваа ваков однос на дел од посетителите кои секоја вечер буквално го распостилаат градот со отпад за што сведочат стотиците фотографии на социјалните мрежи кои денес вријат од негативни коментари, што дополнително го урива имиџот на Охрид. Таква беше сликата и утрово во 5.30 часот кога се направени овие фотографии од службите на Ј „Охридски Комуналец“ кои за два часа во 7.30 ги вратија работите во нормала.

Нормално е да се очекува при масовни посети да се создаваат огромни количини отпад, дел и да се одложи каде што не му е местото. Но сликата со која Охрид се разбуди утрово говори нешто друго. Говори за недостаток на елементарна култура и воспитување и однос кон јавните добра и најзначајните места во земјата, меѓу кои Охрид е на врвот. Говори за сиромаштијата на духот и недостаток на чувство на одговорност, што е уште повеќе загрижува. Говори за нас самите.

Но, секое лошо, за арно. Оваа туристичка сезона треба да биде вистински шамар за отрезнување за сите. Патоказ како не треба, што не му треба, а што му треба на Охрид. А на Охрид најитно му треба сериозно ревидирана и стратешки осмислена туристичка понуда, таргетирана, добро креирана, уште подобро менаџирана, промовирана и реализирана. На Охрид му треба под итно инфраструктура, паркиралишта, подобар водовод, модернизирани и ефикасни јавни служби, соодветни по број и подготвеност професионални служби за одржување на јавниот ред и мир, но и на комуналниот ред, јавната чистота и јавното здравје.

На Охрид не му треба евтина понуда, ниту ваучери за туризам, како што не му требаат разно разни настани организирани од ликови кои градот го гледаат само како голема тезга за создавање екстра профит, а не му требаат ниту малите тезги без оглед дали се работи за купување на социјален мир или за задоволување на разни интереси.

Охрид треба интензивно да работи и најмалку за едно ниво да ги подобри услугите и понудата при што единствен репер треба да биде квалитетот, а никако квантитетот. Оти гледаме што носи квантитетот.

Наместо да се троши енергијата на расправии на социјалните мрежи кои, за жал, без оглед на поводот, делумно се полни со навреди и негостопримливост, што не доликува за еден туристички центар, уште и најголем и најдобар во земјата, истата треба да се насочи кон промени кои суштински ќе ја подобрат туристичката понуда, што ќе ја рафинира побарувачката. Можеби токму ова е моментот кога некои работи треба да се пресечат и да се променат вистински. Ама тоа подразбира вистински способни професионалци на сите клучни позиции, подготвени и мотивирани јавни служби и сервиси во служба на граѓаните и туристите и политики кои ќе создадат амбиент во кој понудата и побарувачката ќе обликуваат туристички производ соодветен за Охрид. Тоа не може да се направи преку ноќ, ама може да се почне да се работи веќе од утре, затоа што е неопходно. Без промени, ништо само од себе нема да се промени.

Гoран Момироски

Во текстот е изнесен личен став на уредникот на интернет порталот ohridnews.com