-Нема оправдување за таков чин без оглед кое знаме се пали, а палењето на државното знаме особено загрижува бидејќи тоа е атак врз интегритетот на земјата. Нема потреба од такво нешто, Македонија е доволно голема за сите кои живеат во неа, вели Драгица Павлеска – Попоска од НВО „Езерка“.
Полицијата против осомничениот за палењето на државното знаме поднесе кривична пријава за „Предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост“. Но, неговото однесување не беше осудено од припадниците на албанската етничка заедница. Напротив, тие завчера одржаа мирен протест пред струшкиот основен суд со барање приведениот за инцидентот да биде пуштен на слобода.
Мирен протест вчера одржаа и повеќе невладини организации од Струга, кои изразија загриженост за последните инциденти и жестоки пресметки што се случија во градот. Загриженост за безбедносната ситуација изразуваат и граѓаните кои бараат надлежните институции да преземат неопходни и неселективни мерки за смирување на состојбите.
– Не е вака само во Струга, ваквите инциденти се рефлексија на целокупните состојби во државата, и треба институциите да преземат мерки да се подобри безбедноста, рече Љупчо Даскалоски, вевчанец кого го затекнавме во Струга.
Од почетокот на годината во Струга се регистрирани 14 инциденти, од кои еден од поголем обем во кој е употребено и оружје. Од СВР Охрид, под чија надлежност е општина Струга, информираат дека сите случаи се разрешени со соодветни поднесоци и дека безбедносната состојба во градот е стабилна без неконтролирани нарушувања и драстично кршење на јавниот ред и мир.