Подрачното основно училиште во регионот на селата Долно и Горно Лакочереј, синоќа било мета на вандали алармираат родители, кои ја контактираа редакцијата на OhridNews.

-Непознати сторители насилно упаднале во училиштето, искршиле повеќе прозори, испишале графити со спрејови и искинале повеќе цртежи од деца, велат револтираните родители.

Тие очекуваат брза и одлучна реакција од институциите со цел да се расветли инцидентот, кој, како што велат, не оди во прилог на градење вистински вредности, кон кои треба да се стреми македонското општество. Според родителите ова дотолку е потребно оттаму што веќе подолго време меѓусебната нетолеранција ја тресе Македонија, и го загрозува соживотот. Родителите очекуваат сите општествени чинители, вклучително и политичките партии да покажат одговорност и да се заложат за надминување на состојбите предизвикани од последните немили настани.

Случајот бил пријавен во СВР Охрид, кој работи на расветлување на инцидентот.

OhridNews