Актуелниот првак во Македонија, Вардар го задржа стопроцетниот ефект после пет одиграни мечеви во плејофот од Супер лигата демолирајќи го Металург во градската пресметката со 37-18 (18-9).

„Металурзите“ со игра седум на шест на стартот од натпреварот успеаја да им парираат на „црвено црните“, кои се уште немаа влезено со полн интензитет во мечот. Од 5-4, избраниците на Раул Гонзалес направија 11-4 и го решија победникот во дербито. До крајот на првиот дел ракометарите на Вардар стигнаа до плус девет 18-9.

Во второто полувреме „вардарци“ го покажаа сиот свој квалитет и го растурија ривалот за титулата во буквална смисла на зборот. Немилосрдно, со голови ракометарите на Вардар ги казнуваа грешките на Металург за конечен триумф 37-18.

„Црвено црните“ со пет од пет ефектот се пред одбрана на титулата, а неизвесноста во плејофот ќе остане за местата кои водат во Европа. 

Петтата рунда ќе се комплетира со натпреварите помеѓу Пелистер – Охрид односно Еурофарм Работник – Пролет.

Фото: Гол.мк
OhridNews