Македонскиот ракометен првак Вардар во четвртата рунда од фазата по групи во Лигата на Шампиони ќе го пречека германскиот бундеслигаш Рајн Некар Левен. Дуелот кој ќе се одигра в сабота со почеток во 17 часот и 30 минути окарактеризиран е како меч на колото во четвртата рунда во ЛШ.
„Црвено црните“ имаа три победи во исто толку натпревари сезонава во групната фаза надминувајќи ги почетните очекувања, додека популарните „лавови“ имаа две победи и еден пораз. Исходот на табелата не мора ништо да значи кога се во прашање средбите со екипи кои доаѓаат од Германија.
- В сабота играме против одлична екипа составена од многу квалитетни ракометари. Знаеме дека ќе биде тешко, бидејќи имаат многу разни варијанти во играта. Ние сме фокусирани на средбата. Мораме да се обидеме да одиграме најдобро што можеме и да дојдеме до нов добар резултат. Играат добро 6 на 6. Знаат да одиграат добро и 7 на 6 и се меѓу најдобрите во таа формација. Клучно за нас е да одиграме добро во одбраната. – изјави тренерот на Вардар, Роберто Парондо.
Помеѓу двете екипи нема скриени адути, добро се познаваат, а домашниот терен и поддршката од публиката ќе биде огромна предност на „вардарци“.
- Рајн Некар ни е познат противник. Знаеме што не очекува, но во исто време не знаеме со каква игра ќе дојдат против нас. Секој натпревар го играме со 120 проценти мотивација. Со поддршка од нашите навивачи ќе се обидеме да дојдеме до уште една победа во Лигата на шампионите. – потенцираше Тимур Дибиров.
Официјалната интернет страна на ЛШ со специјален прилог за Ракометниот клуб Вардар го најави мечот со Рајн Некар Левен. Како ЕХФ го гледа почетокот на Вардар погледнете на следниов линк ТУКА.
OhridNews