Актуелниот европски шампион Вардар, се пласира на фајналфор турнирот во Лигата на шампионите, откако во драматичен натпревар во салата „Јане Сандански“ во Скопје, ја валоризира предноста од првиот меч, во кој триумфираше на гости над Кил 29:28. Во неизвесна завршница во реваншот Вардар загуби од Кил 27:28, откако израмнувачкиот гол на домаќинот постигнат во последните мигови беше поништен.
Гостите подобро го отворија натпреварот и поведоа со 3:0. Но, Вардар возврати со иста мера и потоа го презеде водството. Сепак на крајот од првиот дел беше 13:13.
И во второто полувреме Вардар беше екипата која постојано имаше предност. Највисоката изнесуваше +4, но Кил не се предаваше, по што натпреварот влезе во неизвесна завршница. На три минути до крајот при еден гол предност за Вардар Штербик одбрани зицер, што беше еден од клучните моменти на мечот. Во бркотницата по теренот во последните 60 секунди кога Кил со 2 постигнати гола го презеде водството, Вардар успеа да израмни со звукот на сирената но голот подоцна не беше признат. И покрај минималниот пораз 27:28, прв оваа сезона на домашен терен, Вардар обезбеди пласман на завршницата од Лигата на шампионите, бидејќи на гости постигна гол повеќе.
Најефикасен во редовите на Вардар беше Борозан со 6 гола, Циндриќ посигна 5, а Кристопанс 4. Штербик мечот го заврши со 13 одбрани.
До сега ниту еден клуб не ја одбранил титулата во ракометната Лига на шампиони, што ќе биде предизвик повеќе за македонскиот првак да ја сруши оваа традиција.
Г.М.