Шведскиот првак, Малме е противник на македонскиот фудбалски шампион Вардар во второто квалификациско коло во најелитното клупско натпреварување во Европа.
Екипата на Малме не беше во ниту една од опциите на „црвено црните“, затоа тие противникот односно ждребката ја оценуваат позитивно. На пример Вардар можеше да се сретне со Селтик, Легија, Марибор, а на крајот го доби Малме.
– Мислам дека во Малме добивме противник со кого можеме да се носиме и да бидеме во најмала рака рамноправни. Ова ни е трета година по ред да играме квалификации во Лигата на шампионите, и мислам дека сега е шансата да поминеме понатаму. Добро е што првиот натпревар го играме на гостински терен кај нив, и сметам дека имаме големи шанси. Со нетрпение го очекувавме противникот, и сега откако знаеме кој ни е противник се подготовуваме во Австрија за него. Од денеска па натаму ќе го следиме, ќе го анализираме и ќе знаеме повеќе за нашиот ривал во Лигата на шампионите. – изјави капитенот Бобан Грнчаров.
Првиот меч во Шведска се игра на 11/12 јули, додека реваншот седум дена подоцна во Македонија. „Црвено црните“ најверојатно ќе го одиграат во Струмица.
OhridNews