Македонскиот ракометен првак Вардар ќе се бори за трофејот во Лигата на Шампиони, откако во 1/2 финалето со гол во последната секунда ја совлада големата Барселона со 26-25 (13-13).
Херој и човек на одлука беше хрватскиот репрезентативец Лука Циндриќ кој не потклекна пред притисокот и погоди со звукот на сирената за тесна победа 26-25.
Барселона подобро го отвори натпреварот и поведе со три голови (8-5), но „црвено црните“ не се предадоа и до крајот на полувремето го анулираа водството на каталонците.
Во вториот дел избраниците на Раул Гонзалес го презедоа водството и го контролираа до последната минута. Барселона со голот на Кирил Лазаров изедначи (25-25), но Циндриќ со звукот на сирената погоди и донесе победа вредна финале.
Противник на Вардар во финалето ќе биде дрим тимот на Пари Сент Жермен кој во 1/2 финалето го совлада Веспрем со 27-26. Финалето во ЛШ се игра во 18 часот, а во 15 часот и 15 минути Веспрем и Барселона ќе играат за третата позиција.
OhridNews