Ракометниот клуб Вардар ја освои третата титула во серија, а вкупно петта во СЕХА лигата триумфирајќи на завршниот турнир кој се одигра во белорускиот град Брест.

„Црвено црните“ во големото финале го совладаа хрватскиот првак Загреб со 26-23 (12-11), а во полуфиналето подобри беа од домаќинот Мешков Брест со 25-23.

Победата во финалето и титулата за Вардар остана во сенка, откако германскиот интернационалец Дисингер се повреди и хитно беше пренесен на болница. Првичните информации кои пристигнуваат од Вардар се дека ракометарот е стабилен и нема скршеница на левата рака.

После освојувањето на трофејот во СЕХА, Вардар го очекуваат мечевите од македонската Супер лига, Купот на Македонија и дуелот со Пик Сегед во 1/4 финалето од Лигата на Шампиони.

OhridNews