Драги Сетинов од претседател е сменет во спортски директор, а на челната раководна функција е вратен Ванчо Шехтански, а наместо 29 члена, сега во Собранието ќе има вкупно 10 претставници на два колективни членови.


На Собрание на клубот за кое никој не знае, ни кога, ни каде е одржано,
а изненадувачки неинформирани останаа и новите раководители, се смени
комплетната структура и статутот на клубот. Ако не се случи нешто неочекувано промената на местото шеф на стручен
штаб ќе биде една од многуте што на таинствен начин деновиве се
случуваат во Вардар.

– И јас едвај чекам да се разреши оваа ситуација. Засега никој ништо не
ми кажал, дали ќе останам или не. Тоа повеќе и не е важно, јас сум тука
за да му помогнам на Вардар и ќе прифатам секаква одлука – вели Ѓорѓи Тодоровски актуелниот тренер на Вардар.

Илчо Ѓорѓиоски ќе биде новиот тренер додека старо нов преседател ќе биде Ванчо Шехтански.

Неизвесност владее и кај играчите, бидејќи дел од староседелците ќе бидат вишок на списокот на Ѓорѓиоски, ако тој дојде во Вардар. Со него од редовите на суспендираната Македонија ЃП ќе дојдат и десетмина фудбалери. Балансот на другата страна ќе го држи двоецот Ерол Демир и Драги Сетинов кои ќе бидат задолжени за спортскиот дел, но само делумно како претставници на Јордан Камчев.

Со завчерашните промени на Собранието на кое не беа поканети новинарите, Камчев има колективен член „Мода и спорт“ со 5 индивидуални мандати, а вториот колективен член со ист број претставници, 5, е на менаџерската компанија „ЈН Менаџмент спорт“ предводена од Јовица Николовски. Тој ќе се грижи за интересите на своите штитеници, а неофицијално дилот е секој да си го плаќа својот дел од Вардар.

Во целата каша што се направи, а нема официјална потврда од ниту една страна, се споменува и сопственикот на А1 ТВ, Велија Рамковски. Него го токмат за нов член на некаков спонзорски тим, а засега извесно е дека натпреварите на Вардар ќе одат директно на А1 или А2 телевизија. Кој на кого ќе му плаќа за ТВ правата не се знае, што е само една од многуте дилеми кои лебдат околу Вардар.

Зоран Поповски