Фудбалерите на Вардар во свои раце ја имаат судбината за пласман во следната трета рунда во квалификациите за учество во Лигата на Шампиони. „Црвено црните“ на првиот меч во Шведска против Малме ремизираа со гол даден во гости, што автоматски им носи предност, а кога на ова ќе се додаде и домашниот терен, значи дека Вардар сам си решава.
– Знаете дека после првиот натпревар имаме добар и активен резултат од Малме. Меѓутоа утре не очекува уште еден тежок, можеби уште потежок натпревар од првиот. Противникот сигурно ќе направи сè за да дојде до посакуваниот резултат. Тој натпревар во Малме беше само едно полувреме од овој двомеч, сега следува уште едно во кое што влегуваме максимално подготвени и концентрирани, и моите играчи се подготвени уште еднаш да дадат максимум. Сега подобро се познаваме со противникот после мечот во Малме. Верувам дека нашите грешки ќе бидат отстранети и дека ќе одиграме еден добар натпревар, и ќе дадеме се од себе да ја израдуваме оваа публика која ќе дојде во Струмица. Без разлика на тоа кој ќе игра, фудбалерите се подготвени да дадат сè од себе и да остварат еден добар резултат кој ќе ги однесе во следната фаза од Лигата на Шампионите. – рече Гоце Седлоски, тренер на екипата на Вардар.
Македонскиот првак тимот на Малме ќе го пречека на стадионот „Младост“ во Струмица, а мечот започнува во 18 часот.
OhridNews