Пред натпреварот од четвртото коло во Лигата на Шампионите против Астраханочка, македонскиот првак го промовираше и новиот тренер. Тоа е Давид Дејвис, помошникот на Раул Гонзалез од машката екипа.


Дејвис и лани во пролетниот дел од сезоната, работеше во екипата, но како помошник на Индира Кастратовиќ. Сега управата на клубот реши да му ја даде целосната доверба во водењето на тимот, а саботниот меч во Скопје ќе биде негово деби како главен тренер. На клупата со него ќе остане и Ацо Станковски, кој ќе биде помошник тренер.

– Активно работевме да најдеме нов тренер. Мислам дека добро ја завршивме работата на терен и сакам да им заблагодарам на Едуард Кокшаров и на Ацо Станковски. Со Астраханочка може не изгледаше толку добро, но таму влијаеа и други работи. Имавме и последици, Барбара Лазовиќ се повреди и мислам дека и тоа влијаеше на нашата игра. Важно победивме и освоивме бодови. Според мене ова е најдобро решение за нашиот клуб. Ви кажав и на претходниот прес, Давид многу добро работеше. И ова е најдобро решение од било кое друго. Од понеделникот тој почна да работи со екипата. – изјави Сергеј Самсоненко, сопственикот на клубот.


За новиот тренер главен приоритет ќе биде женската екипа и пласманот на Ф4 турнирот во Будимпешта. Доколку има време ќе му помага и на Раул Гонзалес во машкиот тим, но првенствената задача ќе биде да го води женскиот тим. – Му Благодарам на клубот и Сергеј Самсоненко за укажаната доверба затоа што мислам дека лани завршивме добра работа и очекувам дека така ќе продолжиме. Имаме нови играчи кои го засилија нашиот тим и се надевам дека ќе бидеме уште подобри. Имавме голема пауза од четири месеци затоа е потребно време полека да се вратиме во форма. Ние оваа недела се подготвуваме за Астраханочка која е млада екипа и игра многу грубо, но квалитетот е на наша страна. Мораме да победиме дома не само на овој туку на сите натпревари. Нè чека многу работа и одиме чекор по чекор. За крај сакам да му се заблагодарам на Раул Гонзалес за сета помош и поддршка. Заедно сме веќе 18 години прво како ракометари, потоа тој стана тренер, а кога ја завршив кариерата му станав помошник. – потенцираше Дејвис по официјалната промоција.

Дуелот против Астраханочка се игра во сабота со почеток од 17.30 часот во СЦ „Јане Сандански”, а тоа воедно е последниот домашен меч за вардарки сезонава во групната фаза. За ракометарките работата со Дејвис нема да биде новина, зашто тие и лани соработуваа со Шпанецот.

OhridNews