Васил Зороски останува вршител на должност директор на Фестивалот „Охридско лето“ одлучи Министертвото за култура. Тој деновиве добил две решенија, едното дека му престанува в.д. функцијата, а второто дека се именува за истата функција, во времетраење не подолго од шест месеци.

Зороски кој е пред пензија, беше назначен за в.д. директор во јуни, непосредно пред почетокот на јубилејното 50-то издание на фестивалот, откако Министерството за култура го разреши од функцијата дотогашниот директор, Тони Симоноски. Во октомври министертвото распиша Конкурс за нов директор на кој се пријавија дванаесет кандидати, но иако целокупната процедура одамна е завршена, не е именуван раководител на најголемата културна манифестација во земјата.

Во надлежното министерство веќе подолг период владее молк околу изборот на нов директор на „Охридско лето“, што ги подгреа шпекулациите дека ниту еден од пријавените кандидати не ги задоволува условите за оваа функција. Дури и министерката Елизабета Канческа Милеска при последната посета на Охрид ја најави можноста да биде распишан нов конкурс за избор на директор на фестивалот , доколку, како што кажа, се процени дека ниту еден од пријавените кандидати не соодветствува на условите пропишани во конкурсот за избор на директор на „Охридско лето“.

OhridNews