Апелацискиот суд Скопје вчера им го продолжил притворот на 13 лица, а меѓу нив и на поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски и Сашо Василевски за настаните во Собранието од 27 април. Станува збор за четврто продолжение на нивниот притвор, при што три одлуки беа од Кривичниот суд, а ова е прва од Апелациониот суд.

Откако минатата недела Апелациски им ги одби жалбите на осомничените за 27 април, пратеници и функционери од МВР за третата мерка притвор, вчера им одредил нови 30 дена притвор, пренесува МИА.

– Сега ние сме првостепениот орган. Отсега ние ќе одлучуваме за натамошните мерки или укинувања. Отсега натаму за жалбите по одлуките на Апелациониот суд Скопје, ќе одлучува Врховниот суд, објаснуваат во Скопска апелација.

За Игор Дурловски, актерот Владо Јовановски и останатите организатори на протестите на „За заедничка Македонија кои се во куќен притвор, Апелацискиот суд ќе одлучува дополнително. Во куќен притвор остануваат и пратениците Јохан Тарчуловски, Љубен Арнаудов и Љупчо Димовски.