Изградбата на новиот експресен пат од Охрид до Пештани, кој што е и повеќе од потребен, ќе се протега во должина од 15 километри  и ширина од 11,4 метри и ќе се гради паралелно со постојниот пат покрај брегот на Охридското езеро, информира на денешната прес конференција охридскиот пратеник д- р Сашо Василевски, кој додаде дека станува збор за експресен пат, проект кој се наоѓа во собраниска процедура и го помина првото читање на 24- та седница на собранието.

– Во наредниот период се предвидува и меѓусебно поврзување на овој експресен пат со попречните локални патишта. Изградбата на оваа делница на ниво на експресен пат, значително ќе придонесе за олеснување на протокот на сообраќај низ населените места особено во летниот период од годината, но и за исполнување на барањата и потребите на граѓаните од овој предел за зголемување на безбедноста и сигурноста на учесниците во сообраќајот во иднина. Реализацијата на проектот за изградба на експресен пат Охрид-Пештани значително ќе придонесе и за поквалитетна туристичка понуда, како и за поголема достапност на туристичките знаменитости кои што Република Македонија ги нуди во охридскиот регион, рече пратеникот Василевски.

Средствата за реализација на проектот се обезбедени преку Програмата за национални патишта,  за подобрување и осовременување на патиштата низ државата, која доби голема поддршка од пратеничката група на ВМРО- ДПМНЕ.

– Охрид и охридскиот регион со проектите предвидени во патната инфраструктура ќе добие и автопатско решение, Кичево – Охрид, кој што веќе е во изградба. Сите овие крупни инвестиции и зафати кои што се прават во патната инфраструктура во овој регион, освен што ќе помогнат за равој на туризмот како најзначајна гранка, ќе обезбедат и забрзан економски развој, како и поголема и посигурна комуникација на граѓаните од овој регион со останатите делови од Република Македонија. Ова се проекти во патната инфрастурктура какви што Охрид и охридскиот регион не паметат децении наназад, рече Василевски.  

Тој во името на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја поздрави заложбата на Владата и потенцира дека како пратеници во Собранието на Република Македонија и понатаму ќе се залагаат максимално да ги застапуваат потребите и барањата на граѓаните кои ги добиваат при секојдневната комуникација со нив.  

OhridNews