ВМРО ДПМНЕ продолжува да работи на подобрување и збогатување на туристичката понуда на Охрид, не само на летниот туку и на зимскиот туризам, нагласи на денешната прес конференција кандидатот за пратеник од ВМРО ДПМНЕ во ИЕ 5, Д-р Сашо Василевски, кој додаде дека со развојот на туризмот се отвараат и повеќе работни места, се зголемува девизниот прилив и животниот стандард на населението.
– Во програмата на ВМРО ДПМНЕ наречена РЕАЛНО за 2016-2020 година опфатен е и проектот за изградба на ски-центар на планината Галичица. Целта на овој проект е да се придонесе во економскиот развој на регионот преку развивање на туризмот во зимскиот период, со почитување на начелата на зачувување на културните и природните наследства и вредности, еколошката одржливост и подобрување на квалитетот на живеење, рече Василевски.
Според предвиденото, Ски ресортот Галичица ќе биде комбинирано планинско и езерско одморалиште кое ќе биде во функција во текот на целата година.
– Истиот ќе овозможи развој на зимски и летни рекреативни активности, разновидни и иновативни туристички услуги, со уникатно искуство за туристите што го нуди недопрената природа на националниот парк Галичица и поглед на прекрасната Охридска ривиера и Преспанското Езеро. Согласно со изработената студија за изводливост и со концептот на главниот план се предвидува две зони за сместувачки капацитети, една од охридската страна, а другата од преспанска страна. Од двете страни ќе водат жичари-гондоли до скијачките терени, кои ќе се наоѓаат на западните падини на Галичица. На охридската страна, на самиот брег кај локалитетот Градиште ќе има одморалиште со хотел од висока категорија и 200 соби, како и 300 апартмански единици, со вкупно 1.600 легла, информира Василевски.
Додаде дека локалитетот наречен Горно Пештани, планинско село, ќе се развива околу почетната станица на гондолата, со 4 хотели и 600 соби, 99 вили и 128 апартмански единици со вкупно 2.306 легла.
– Ресортот на локалитетот во близина на Отешево е опциона варијанта, со 4 хотели и 337 соби, 19 вили и 45 апартмански единици, со вкупно 968 легла. Самиот ски-центар ќе има капацитет од 3.000 на ден, гондола, три ски-лифта и три подвижни ленти, 16 км скијачки патеки со вкупна површина од 48 хектари, од кој 19 хектари ќе бидат покриени со систем за вештачки снег. Со овој капитален проект ќе направиме пресврт во сезонскиот карактер на туризмот во Охрид со зимска понуда, нагласи Василевски.
За овој проект предвиден е буџет од 148 милиони евра.
OhridNews