Одиграните мечеви во првата фаза ги оправдаа очекувањата, типува на Германија, земја каде имаше интернационална кариера. Ако очекувањата на Германците се огромни, неговите се скромни дека може Македонија да избори пласман на едно големо натпреварувања.
Поранешниот македонски репрезентативец , а сега тренер во младинскиот погон на Металург, Александар Васоски за “Ohridnews“, ги пренесува импресиите по првата недела од самитот во Украина и Полска.
–
Досега видовме навистина квалитетен фудбал на ЕП, нема слаби репрезентации,очекувам во вака жестоко темпо да продолжат тимовите и да гледаме уште поквалитетен фудбал, како ќе се ближат елиминациите. – истакна Васоски.
Првата мега пресметка во групата на смртта разочара, вечерва не очекува нова Германија – Холандија.
– За Холандија ова ќе биде клучен натпревар, не смеат лалињата да си дозволат кикс ако сакаат да одат понатаму, додека пак Германците со победа би го осигурале пласманот. Притисокот му дава посебен драж на овој дуел така што очекувам добар и возбудлив натпревар – смета Васоски.
Неколку години играше во Германија, токму панцирите важат за едни од фаворитите на турнирот, какви се очекувањата на германските медиуми и на германската јавност?
–
Германците полагаат многу надеж во оваа генерација, нивните очекувања се големи, одамна не освоиле трофеј така што се гладни за титули, и се надеваат да ја искористат заситеноста на шпанците. Јас типувам на Германија. – дециден е Васоски.
Беше таму кога се играа мечеви од големи натпреварувања каква е атмосферата? Германците го обожаваат фудбалот.
–
Токму така, атмосферата на секој натпревар е величествена, Германците едноставно живеат за фудбалот.
Очекуваш еден ден Македонија да се најде на еден вака голем фудбалски самит?
–
Најискрено се надевам дека еден ден и Македонија ќе ја видиме на големо натпреварување иако во ваква состојба тоа е тешко изводливо, но сепак со малку повеќе посветеност и професионалност може да се успее, кога можеа Словенците на кои што им дававме по 4 гола, тогаш можеме и ние – вели Васоски.
Заплива во тренерските води, сега си во Металург, каде се гледаш во иднина.
– Огромно задоволство ми е да работам со младите и да им го пренесувам моето знаење и искуство, Металург е еден од најпрофесионалните клубови во земјава, воден од многу амбициозни луге, што само може да радува за подигање на квалитетот на нашиот фудбал. Инаку во иднина како и секој млад тренер посакувам да водам некој од силните европски тимови – завршува Васоски.
М.П.
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com