Деновиве во Охридско – струшкиот регион актеулни се проблемите во селата Трпејца и Велешта. Првите се во имотно правен спор со сопственици на сместувачки капацитет, а вторите со ЕВН, која пак мака мачи да наплати струја во селото и да изведе реконструкција на електро мрежата, оти велештани не даваат.

И едните и другите своите барања ги изнесоа на протести, кои се одвиваа во сосема различен амбиент.


Жителите на Трпејца протестираа покрај магистралниот пат

Во првиот случај, жителите на Трпејца излегоа на протест на влезот од селото каде поминува меѓународниот пат кон граничниот премин Св. Наум. Протестот го обезбедуваа тројца полицајци кои на организаторите им укажаа дека не смеат да го бликираат магистралниот пат и дека тоа е противзаконски. Тоа жителите на Трпејца го испочитуваа, ги соопштија своите ставови на медиумите, мирно го искажаа својот револт и се разотидоа.


Полицијата во разговор со трпејчани

Во вториот случај жителите на Велешта револтирани што останале без струја ја блокираа крстосницата на влезот во Струга од каде се оди за граничниот премин Ќафасан. Сите страни беа блокирани со автомобили, некои и без таблички, а во средина беа жителите на Велешта кои новинарските екипи ги дочекаа со пластични шишиња и довикувања, а градоначалникот Мерко со свирежи. И овој протест беше обезбедуван од полицијата, но немаше опомени дека не смее да се бликира меѓународен пат.


Иако беа тука службено и професионално само си ја вршеа својата работа, протестантите од Велешта не им дозволија на новинарите да поминат преку блокадата. Заканувачки им беше ставено до знаење дека нема шега со нив. А дека тоа е така покажаа кога возило на итна медицинска помош се обиде да помине. Врз него се нафрлија десетина лица, а откако возачот запре ги отворија задните врати да видат кого носи брзата помош. Ниту фактот што некому можеби животот ми виси на конец и секунди одлучуваат дали ќе живее или ќе умре не им беше важно на протестантите, кои бараа да се вклучи струјата во Велешта без никакви условувања од ЕВН и надлежните институции. Дури тогаш полицијата интервенираше, но само за да го извлече возилото на брза помош од толпата. Подоцна се одржа состанок на претставници од селото со градоначалникот и претставници на ЕВН и државни институции, по што струјата повторно беше приклучена во Велешта.


На протестот во Струга не можеше да мине ниту брзата помош

Останува нејасно дали инстутуциите на системот сега ќе реагираат согласно законот и ќе преземат мерки против лицата кои блокираа меѓународен пат и не дозволуваа службени лица да си ја вршат својата работа и запреа возило на брза помош кое иташе кон градската болница. Се разбира доколку истите подеднакво важат од двете страни на Охридското Езеро.

OhridNews