Енергичен и впечатлив настап на „Охридско лето“ имаше еден од најдобрите гитаристи на македонската, но и светската сцена, Дамјан Пејчиноски, кој вчеравечер беше дел од фестивалската програма заедно со неговиот квинтет, Дејан Милосављевиќ на ударни инструменти, перкусионистот Зоран Јасгоридовски, Горан Гешовски на бас-гитара и пијанистот Трајче Станков.

Чувствувам огромна одговорност со мојот настап, со оглед на тоа дека станува збор за престижен фестивал низ чија долгогодишна историја продефилирале фантастични уметници, фестивал кој носи еден посебен дух, една огромна уметничка вредност, вели Пејчиноски.

Тој е спознориран од компанијата за гитари „Страндберг” и е истовремено дел од уметниците кои ја претставуваат оваа компанија. Ќе ја има честа да го промовира и најновиот модел на гитари што го изработува „Страндберг“. Ова е доказ дека неговото име е прочуено и во светски рамки.
Компанијата „Страндберг“ ќе вади нов модел на гитара и особено имам чест што од сите нивни уметници ме избраа мене да ја промовирам новата гитара. Што се однесува до интернационалните настапи, тие не се толку чести, но ете, успевам нешто да договорам сам, нешто преку компанијата „Страндберг“ која е мој спонзор. Инаку сум задоволен, изминатиот период ми беше мошне активен. Во мај имав учество на фестивал во Португалија, а потоа и во Велика Британија. Да, би сакал мојата кариера да е светска. Посакувам да имам и менаџер којшто ќе ми договара настапи низ светот. Јас можеби сум скромен но реален во ова што го кажувам, и сепак, сум свесен за својата музичка вредност и знам дека треба повеќе да работам на маркетинг за да ги добијам големите светски сцени, вели охридскиот гитарист Дамјан Пејчиноски.


Концертите, турнеите и мајсторските курсеви на Дамјан се одржуваат во Австралија, Кина, САД, Малдиви, Бугарија, Србија, Хрватска, Унгарија, Романија, Косово, Македонија и др. Тој настапувал и ја делел сцената со многу големи имиња како што се: Џенифер Батен (гитарист од бендот на Мајкл Џексон), Сту Хам (Џо Сатријани), Мајкл Ли Фиркинс, Андреас Оберг и други.
OhridNews











