Џафер Џафери почна да учи виолина во Македонија, а го продолжи образованието во европските земји, завршувајќи го Конзерваториумот „Петер Корнелиус“ во Мајнц кај, Е. Гега и продолжувајќи го студирањето во Фиренца на Scuaola di Musica di Fiesole со Павел Верников и Hochschule für Musik und Darstellende Kunst во Манхајм со Дора Брачкова. Добитник е на повеќе државни и меѓународни награди и грантови од фондациите за поддршка на млади таленти, вклучително право да свири на виолина од кремонскиот мајстор В. Панормо (1760). Настапувал како солист со оркестрите од Македонија, Германија и др. Како член на повеќе симфониски оркестри (CEI-Orchestra, Wiener Jeunesse Orchester, Klassische Philharmonie Bonn, Mannheimer Philharmoniker, Deutsche Radio Philharmonie) учествувал на турнеите во Европа, Јужна Кореја и САД.
Николас Алстаедт е еден од најуспешните млади уметници на денешнината. Како последен студент на Борис Пергаменшчиков во Берлин, а потоа – на Еберхард Фелтц, тој се закити со бројни меѓународни награди и почна успешна кариера со забележителни проекти меѓу кои е изведбата на Шумановиот концерт со Виенската филхармонија под диригентство на Густаво Дудамел на фестивалот во Луцерн. Следеа концертите со ВВС оркестрите и други познати светски оркестри под диригентство на истакнатите уметници како сир Невил Маринер, Нееме Јарви, Владимир Федосеев и др. Алстаедт постојано соработува со најзначајните современи композитори како Ѓорѓ Куртаг, Јорг Видман, Мориц Егерт, Софија Губајдулина, Томас Адес и др. Тој е еден од малкуте европски уметници кој беше член на Здружението на камерната музика на Линколн центар во Њујорк во 2009-12 година. Неговите компакт дискови со концертите на Шуман и Хајдн, како и камерни дела, беа промовирани со голем успех.
Хозе Галардо ги започна своите часови по пијано на 5-годишната возраст на конзерваториумот во Буенос Ајрес, а продолжи на Универзитетот во Мајнц со Полди Милднер. По успесите на бројните меѓународни натпревари следеа повеќе турнеи и настапи на престижните фестивали, вклучително фестивалот на камерна музика во Локенхаус, фестивалите во Вербје, Луцерн и др. Како камерен музичар Галардо соработуваше со истакнатите уметници од Европа, Азија, Израел, Океанија, Јужна Америка меѓу кои Гидон Кремер, Џошуа Бел, Линус Рот, Барнаба Келемен и многу други. Галардо настапуваше во најдобрите светски сали – Берлинската Филхармонија, Тонхале – Цирих, Мусикхале – Хамбург, Театро дела Пергола – Фиренца, Санта Чечилија – Рим, Вигмор Хол – Лондон. Соработувал со познатите уметници на меѓународните мастер класи, и самиот предавал на Универзитетот во Мајнц и во Леополд Моцарт – Центарот во Аугсбург.