Во предворјето на црквата Св. Софија вечерва  , публиката ќе има можност да ја проследи првата театарска премиера на фестивалот „Охридско лето“, претставата „Мизантроп“ , според текст на Молиер, а во изведба на актерите од Турскиот театар во Скопје.

За режисерот на претставата, Драгана Милошевска-Попова, да се работи на текст од Молиер претставува вистински предизвик, со оглед на времето во кое е пишуван текстот.

– Она што посебно ме фасцинира е периодот во кој творел Молиер, неговиот живот и општествените околности , тетарскиот живот во времето кога тој пишувал. Се занимавав со различни прашања- зошто еден човек станува мизантроп, што значело тоа во времето на Молиер, што тоа нам ни значи денес. Пробавме да направиме една приказна која е доста сериозна, но истовремено и волшебна, вели режисерката Милошевска – Попова.

Директорот на Турскиот театар – Скопје, Атила Клинче, со пофалби за актерската екипа која е дел од претставата.

–  Во текот на годините што доѓаат овие актери ќе бидат на пиедесталот и ќе освојат многу актерски награди. Интересно е што во оваа претстава се вклучени и студенти од Факултетот за драмски уметности од втора година, од мојата класа, изјави директорот Клинче.

Главната улога во претставата, ликот на Селимена, го игра младата Сузан Акбелге.

–    Чуството и она што ми го даде работењето на „Мизантроп“ значеше ново будење за мене. Режисерката ми подадае рака на вистински начин да ја отворам мојата душа и успешно да ја подготвиме претставата „Мизантроп“ која во мене отвора нови страници, нов начин на работа, изјави Акбелге.

Претставата ќе почне во 21 часот, за гледачите е обезбеден превод на македонски јазик.

OhridNews