– Малов е познат како еден од истакнатите виолинисти од помладата генерација, кој освоил бројни престижни награди и има настапувано со многу познати музички имиња. Единствен е и незаменлив, исклучителен изведувач на три инструменти- виолина, виола и виолончело Де Спала, инструмент кој за прв пат може да се слушне на „Охридско лето“, изјави музичкиот селектор на фестивалот Гордана Јосифоска- Неделкоска.
Да изведува музички дела на еден од најретките и специфични инструменти како што е виолончело Де Спала, Малов вели дека за него е вистинско задоволство и остварување на неговиот сон.
– По моето студирање на виола, на интернет открив дека може да се оствари мојот сон- да свирам на основата, виолончело Де Спала. Стапив во контакт со произведувачот на овој инструмент, се сретнав и веднаш се заљубив во инструментот кој беше направен за мене. Немав намера да направам од тоа богата кариера, но бев воодушевен од иснтрументот, изјави Малов.
На концертот кој ќе започне во 21 часот во црквата Св. Софија рускиот виолинист ќе изведе дела од Бах и Барток.
Малов настапува со водечките европски оркестри меѓу кои Оркестарот на Баварското радио, Филхармониите во Лондон, Москва и Санкт-Петербург, како и со познатите светски музичари-изведувачи. Особено ја цени креативната соработка со современите композитори, меѓу кои Гијом Конесон и Кристоф Еренфелнер кој му го посветил на Малов неговиот солистички двоен концерт за виолина и виола Hommage
à St. Petersburg.