Со уникатно шоу на реката Сена вечерва во 19:30 часот свечено ќе бидат отворени 33. летни Олимписки игри (ЛОИ) во Париз. На Игрите ќе настапат 10.500 спортисти од 206 држави, кои ќе се натпреваруваат во 32 спортови, а прв пат во историјата ќе бидат поделени олимписки одличја во брејкденс.

Покрај спортистите, Македонија на ЛОИ ќе ја претставуваат и судиите Ѓорѓи Начевски и Славе Николов (ракомет), Иван Михајловски (триатлон) и Анета Павловска (тенис).
Игрите официјално ќе ги отвори францускиот претседател Емануел Макрон, а на свечената церемонија најавено е присуство на околу 120 шефови на држави и влади и други функционери, меѓу кои и германскиот канцелар Олаф Шолц и првата дама на САД Џил Бајден. Според весникот „Паризиен“, украинскиот претседател Володимир Зеленски нема да биде во Париз.
Засега не се знае кој ќе го запали олимпискиот оган, но според медиумите оваа чест ќе и биде доделена на француската спортистка и трикратна олимписка шампионка Мари Жозе Перек или на фудбалската ѕвезда Зинедин Зидан.
Свеченостите ќе вклучуваат музички и танцови изведби, како и светлосно шоу со настап на 400 танчари и 3.000 уметници.
Олимписката програма официјално почна во средата, а Игрите во Париз ќе траат до 11 август.
OhridNews
фото. МИА/МОК










