Со џез концерт на бендот Караванија и претставување на поетскиот портрет на поетот Ристо Василевски, вечерва, во 21 часот, ќе биде отворена 29-та „Поетска ноќ во Велестово“. Како што истакна иницијаторот на манифестацијата, поетот Славе Ѓорго Димоски, „Поетска ноќ во Велестово“, беше и остана оригинална по својот концепт, како ретка манифестација која се посветува на творештвото на еден поет.

Секоја година се претставува еден македонски поет, годинава тоа е македонскиот поет кој живее во Србија, Ристо Василески, чија поезија всушност е мост меѓу српската и македонската литература. Исклучително поетско име кое е афирмирано не само во Србија и Македонија, туку и пошироко, рече Ѓорго Димоски.

Поетската ноќ во Велстово е една од двете или три најважни точки на претставувањето на современата македонска поезија. Чест ми е што годинава ќе биде претставена мојата поезија, при што ќе присуствуваат истакнати бугарски поети и поети од други земји, изјави Василевски.

Во рамки на отворањето на манифестацијата, присутните ќе имаат можност да ги видат и делата на познатиот академскиот сликар, Емил Шулајковски.

Во сабота, 22-ри јули е предвидено гостување во отвореното студио во Арт поинт Гумно во Слоештица каде што ќе се чита поезија, а манифестацијата завршува во недела 23-ти јули, со промоција на книгата „16 бугарски поети“ и настап на гостите од Р. Бугарија Владимир Левчев, Аксинија Михајлова, Роман Кисјов, Ани и Илков и Поли Муканова.

Во рамки на манифестацијата, а во соработка со издавачката куќа ПНВ Публикации и МАНУ на 28 јули ќе се одржи промоција на проект книгата „Извештаи на Рисот“ од Славе Ѓорѓо Димоски и Сергеј Андреевски. Исто така во соработка со издавачката куќа ПНВ Публикации во текот на летото во Охрид ќе бидат организирани и промоции на делата „Доилката“ од Лилјана Пандева и „Ништо не е недостижно“ од Зоран Јакимоски.

OhridNews