Вечерва со трката на 107 километри со почеток во 23:00 од плоштадот во Охрид започнува седмото издание на Охрид Ултра-Треил што ќе се одржи до 25 мај. Годинава на трките учество ќе земат рекордни 650  љубители на планинското трчање од 42 земји.

Поради најавените неповолни временски услови организаторите најавуваат измени во трасите на трките на 105K, 65K и 42K.

Традиционално Охрид Ултра треил завршува последниот викенд од мај. Ова ни е седма година како што ја организираме оваа трка и се отвора веќе втора година со нашето експо односно спортски и outdoor саем каде воедно ги доделуваме и стартните пакети за сите трки. Ги следиме сите светски трендови. Ултра Треил трчањето како во нашата држава, така и во светот зема се поголем замав. Мислам дека успешно се справуваме веќе седма година да одолееме на оние предизвици кои ги носат светските стандарди. Апсолутно се запазуваат сите светски стандарди. Бебедноста е пред се. Оваа година не можеме да си играме со природата и бевме приморани да измениме дел од рутите, дел од организацискиот тим на Охрид Ултра-Треил, Рафаил Додевски.

Во поглед на трките ја имаме кралицата или 107K трката со старт денес во 23 часот од плоштадот во Охрид, потоа е Галичица Ултра 66K со старт на  24 мај (сабота) во 07 часот од Св. Наум, Самотска Треил 42K со старт во 08 часот од Св. Наум, Летница Треил 22K со старт во 10 часот од Велгошти, и детската јуниорска трка која годинава е отворена и за возрасните, наменета и за рекреативци, со старт во 11 часот од селото Рамне во должина од 10K, вели Димитри Димитров дел од организацискиот тим на Охрид Ултра Треил.

Финишот на сите трки е на градскиот плоштад. Поради лошите временски услови кои во сабота во попладнвните часови се очекуваат препораките се сите тркачи да бидат подалеку од зоната на кејот и од тие причини во високата зона, најатрактивните делови на Галичица тркачите нема да може да уживаат. Сепак трката од 40 километри и ноќната-107 километарската ќе се покрај делот на Охридско Езеро, во пределот на село Трпејца, реката Черава, изворите на Св. Наум и ќе имаат можност тркачите да уживаат, а и подоцна тие што ќе трчаат на останатите три ќе се враќаат назад некаде во сисина од 1600 метри надолу и највисоко што ќе се искачат се 1700 метри ппод врвот над село Елшани, додава Димитров.

Душко Петрушевски, претставник на Скај ранинг комисијата на Македонија при Планинарската федерација, истакна дека двајца учесниците во трката на 65 километри ќе учествуваат како дел од репрезентацијата на Европско првенство.

Македонија, како што веќе јавноста е запознаена, има репрезентација Скај ранинг, трчање на високи планини. Од оваа година имаме формирано официјално лига во која има 5 трки меѓу кои и Охрид Ултра Треил со дисциплината 65 километри. Решивме оваа година оваа трка да биде дел од календарот на Скај ранинг лигата и да биде трка која ќе избере едно машко и женско како дел од репрезентацијата да ја претставуваат Македонија на Европското првенство во Скај ранинг кое годинава од 4-6 јули ќе се одржи во Италија, додаде Петрушевски.

Организаторите посочуваат дека од своето прво издание во 2019 година, кое започна со две трки и 130 тркачи, Охрид Ултра-Треил прерасна во интернационален спортско-рекреативен спектакл, што го обединува светот преку страста за движење и природата.

Традиционално пред почетокот на годинешното издание на Охрид Ултра-Треил се одржа експо на кое беше изложена разна спортска опрема, а натпреварувачите имаа можност да се запознаат со деталите за трките и да ги подигнат натпреварувачките пакети.

Н.С.Ј./Г.М.