Вечерва, 31-ви јануари, на небото ќе може да се проследи редок настан што се случува еднаш во 150 години. Ќе се спојат три необични лунарни појави: супер-Месечината, сината Месечина и целосното помрачување на Месечината.  За жал, Европа па така и Македонија, не се меѓу местата од кои овој редок астрономски настан ќе биде видлив. Во него ќе може да уживаат жителите на Северна Америка, Азија, на Блискиот исток, во Русија и во Австралија.

Сината Месечина е втората полна Месечина во еден календарски месец. Појавата типично се јавува на секои две години и осум месеци.
 
Супер-Месечината се јавува кога Месечината е најблиску до Земјата во својата орбита. Во таа точка, наречена перигеј, Месечината изгледа 14 отсто поголема и 30 отсто посјајна.
 
Овие два феномена не се толку ретки, но во комбинација со истовремено помрачување на Месечината, ретко се случуваат. Во текот на помрачувањето Месечината ќе се лизне во сенката на Земјата и белиот диск постепено ќе се претвори во портокалов или црвен. Така „сината“ Месечина ќе стане „крвава“.
 
Израмувањето на Сонцето, Месечината и Земјата ќе трае еден час и 16 минути. Во западниот дел на САД и Канада ќе биде видливо пред мугрите, а на Блискиот исток, во источна Русија, во Австралија и на Нов Зеланд навечер, кога Месечината изгрева. Наспроти помрачувањето на Сонцето, месечевото помрачување може да се набљудува со голо око.