Вечерва на сцената во црквата „Св. Софија“ е московскиот гудачки квартет „Јанкелевич“, во рамките на фестивалот „Охридско Лето“.

Квартетот  е основан на Московскиот конзерваториум во 2006 година од страна на проф. Андреј Шишлов. Добитник е на 2-та награда на натпреварот за камерна музика „Николај Рубинштајн“ во Москва и натпреварот за гудачки квартети „Ноќ и сонце“ во Рованиеми, Финска.

Учествувал на бројни фестивали и соработувал со повеќе реномирани музичари, а настапувал во Италија, Холандија и Финска.

Илjа Гаjсин (прва виолина) e добитник на бројни меѓународни награди, настапил во повеќе од 200 сали низ целиот свет. Главен диригент е на Московскиот камерен оркестар на „Павел Слободкин“ центарот.

Александра Федотова (втора виолина) била асистент на Московскиот конзерваториум, а од 2012 година е концерт-мајстор на камерниот оркестар „Moscow camerata“. Настапува како солист и камерен музичар и е добитник на повеќе меѓународни награди.

Михаил Рудој (виола) дипломира во класата на И. Наидин – член на прочуениот гудачки квартет „Бородин“. Добитник е на повеќе награди на меѓународни натпревари. Евгениј Румjанцев (виолончело) дипломира во класата на Н. Шаховскаја, а се надградува на мајсторски курсеви, вклучително и со М. Ростропович. Настапува во голем број земји, предава на Московскиот конзерваториум.

Марко Чампи дипломира на престижниот конзерваториум „ San Pietro a Majella“ со највисоки достигнувања. Покрај пијано, студирал композиција и диригирање на истиот конзерваториум. Добитник е на бројни награди на повеќе од 30 национални и меѓународни натпревари по пијано. Настапувал како солист во некои од најпрестижните сали во светот (Интернационалната Московска Kуќа на музиката, „Steinway hall“ во Лондон, театарот „Diana“ и „Scarlatti Hall“ во Неапол и др.) и на бројните најзначајни фестивали (Летниот музички фестивал во Соренто, Jeux d’Art a la Villa d’Este во Тиволи и др.).

Почетокот е од 21:00 часот.

OhridNews