Претседателот на македонското Собранието Трајко Вељаноски присуствуваше на 64-от Национален молитвен појадок во Вашингтон кој претседателот на Соединетите Американски Држави и членовите на Конгресот го организираат секоја година.
Функционери, дипломати и претставници на повеќе од 140 земји од светот разменија мислења, искуства и ставови за глобалните случувања и предизвици и заедно да се заблагодарат за пријателството и благосостојбата. На настанот се обрати претседателот на САД Барак Обама, а Вељаноски се сретна и разговараше со дел од присутните, соопшти Кабинетот на Претседателот на Собранието на РМ.
Вељаноски присуствуваше и на лидерскиот ручек организиран за земјите од Југоисточна Европа на кој учествуваа неколку конгресмени и сенатори меѓу кои и еден од домаќините на овогодинешниот Молитвен појадок, конгресменот Роберт Адерхолт.
– Молитвениот појадок како традиција е една непресушна инспирација. Фактот дека секоја година, од сите страни на светот личности со сосема различни светогледи, вери, нации, уверувања и ставови, сосема нормално дискутираат и се разбираат, доволно говори за големината на ова дело. Живеејќи во свет во кој малку повеќе се говори за омразата отколку за љубовта, ретките настани каде таа – љубовта доминира, вреди постојано да се истакнуваат, поддржуваат и развиваат, рече во обраќањето Вељановски.
Тој истакна дека независно од фактот каде живееме или кој народ и држава ги претставуваме, сведоци сме дека постојат теми кои ги надминуваат географските меридијани.
–Прашањата поврзани со границите на колективниот морал, темите кои се однесуваат на се поголемата изложеност на децата до содржини штетни за нивниот морал и здравје се теми кои треба сите подеднакво да не окупираат и инспирираат да направиме нешто повеќе. Силно верувам во концептот на меѓусебно вмрежување и соработка. Убеден сум дека развивајќи ја меѓусебната доверба, даваме влог кон зацрвстувањето на темелите на ова ново морално мнозинство кое и’ е неопходно на Европа, рече Вељановски.
OhridNews
Извор: „МИА“