Шест години е невозможно користење на исти учебници, смета охридскиот пратеник од редовите на СДСМ Митре Вељаноски.

Тој на седницата на Комисија за образование, наука и спорт, што се одржа вчера, жестоко го критикуваше Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за учебници за основно и средно образование во прво читање со кој се предвидува наместо досегашните три, учебниците кои се доделуваат бесплатно во основните и средни училишта да се користат шест години.

Според Вељаноски со зголемување на периодот на користење на учебниците се зголемува веројатноста за нивно оштетување, што ќе треба да го надоместат родителите на учениците, а тоа според пратеникот всушност значи дека тие не се бесплатни.

Mинистерот за образование Панче Кралев, објаснува дека продолжувањето на рокот за користење на бесплатните учебници во основно и средно образование од три на шест години, не значи дека нема тековно да се обновуваат сите учебници.

– Идејата е во тие шест години учебниците да бидат комплетно обновени, изјави министерот Кралев.

Тој посочи дека за следната година ќе бидат обновени првите учебници кои биле ставени во употреба пред три години.

OhridNews