Собраниското обезбедување проценило дека галеријата каде што седат новинарите мора да биде празна за да не се случи некој поголем инцидент.

Вака претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски објаснува зошто новинарите беа насилно исфрлени од  собраниската галерија.

„Имајќи во предвид дека беше најавено дека опозицијата нема да дозволи буџетот да се донесе и беа најавени протести и инциденти, врз основа на Законот на Собранието член 43 побарав од собраниското обезбедување да обезбеди редовен тек на седницата. Сакам да потсетам дека потребните мерки ги планираат и преземаат припадниците на собраниското обезбедување. Да потсетам дека на почетокот новинарите без никакви забрани беа присутни на галеријата од пленарната сала. Откако се случи првиот инцидент, кога и јас како претседател на Собрание бев нападнат, кога беше уништена и техниката, а обезбедувањето мораше да ме извлекува од пленарната сала, надлежното собраниско обезбедување имајќи во предвид дека галеријата е во суштина дел од пленарната сала донело оценка дека галеријата мора да биде празна за да не се случи некој поголем инцидент, се наведува во пишаната изјава на претседателот на Собранието“ се вели во писмената изјава на Вељаноски.

Вељаноски изрази жалење за овој настан и најави дека ќе побара да се поведе постапка до надлежните институции за да се утврди одговорноста за настанот.

„Ќе побарам да се поведе постапка од надлежните институции да се утврди одговорноста за настанот, при што сакам уште еднаш да апелирам дека и понатаму ќе се заземам за максимална отвореност и транспарентност на Собранието. Во истовреме очекувам да ги продолжиме високоразвиените односи со новинарите и медиумите ценејќи го нивниот професионал однос и секако нивната одговорна улога во општеството“, додава Вељаноски.

OhridNews
извор:„Макфакс“