Охрид е во шок по трагичниот настан што вчера се случи во населбата Воска.

Четириесет и три годишниот туристички менаџер од Велес со постојано место на живеење во Охрид,   Зоран Темовски, со неколку истрели од пиштол со калибар 7,62 мм, ја убил 38-годишната Жаклина Траеска од Охрид, по што се самоубил. Жената починала на лице место, додека мажот кој давал знаци на живот починал на пат кон болница.


Крвавиот пир се случил во близина на стадионот „Грашница“ во населбата Воска во 13.50 ч., а случајот во охридската полиција го пријавил очевидец.

Мојата ќерка забележала како жената бегала и барала помош. Мажот ја стигнал и најпрвин ја удрил по што испукал неколку куршуми во нејзините нозе, телото и главата. Потоа легнал до неа и си пукал во главата – раскажува родител, чија ќерка била сведок на крвавиот настан.


На местото на настанот увид изврши екипа на полицијата и  истражен судија.

Истрагата треба да ги открие мотивите за убиството и самоубиствтото, изјави за медиумите портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.


Траеска беше сопруга на познат бизнисмен од Охрид, а Темовски туристички менаџер  во повеќе хотели на охридската ривиера. За само два дена ова е втор случај на убиство и самоубиство во земјава, откако завчера во Скопје љубоморно момче ја застрела поранешната девојка по што си го одзеде животот

Ohridnews